Новиот начин на сметање на времето прв пат бил претставен во годината која денес ја нарекуваме 525 oд нашата ера, кога монахот Дионисиј Мали (Dionysius Exiguus), работејќи на табела за пресметување на датумите на кои се паѓа Велигден, решил да го замени претходниот систем на сметање на годините кој се засновал на Ерата на Диоклецијан - anno Diocletiani (нарекувана Ерата на мачениците - anno Martyrium од христијаните) бидејќи не сакал да го одржува поменот на император кој ги прогонувал христијаните. Во старата табела која ја дополнувал биле означени датумите на Велигден до 247 година од Ерата на мачениците (односно 247 години од почетокот на владеењето на Диоклецијан), а Дионисиј годината по неа ја запишал како 532 година од Воплотувањето на Христос.
Сметањето на времето на овој начин започнало да се шири низ Европа во 8 век, почнувајќи од неговата употреба од англискиот монах Беда Преподобниот кој во својата книга „Црковна историја на англискиот народ“ го употребувал изразот anno Domini („во годината на Господа“ или „лето Господово“), или во целост anno Domini nostri Jesu Christi („годината на нашиот Господ Исус Христос), а во континентална Европа системот бил употребуван од англискиот духовник и учител Алкуин (инаку ученик на Беда) кој учителствувал во дворецот на франкискиот цар Карло Велики. Употребата од Карло Велики и неговите наследници го рашириле овој систем низ Франкиското Царство, а со тоа и низ голем дел од Европа и католичкиот свет, стекнувајќи се со засилена употреба помеѓу 11 и 14 век – последната западноевропска држава која го прифатила била Португалија во 1422 г.
Кај православните доминирал византискиот календар (кој го сметал времето од „создавањето на светот“ - Anno Mundi – со почеток од 5509 г. п.н.е.), а преминот кон новиот систем започнал со неговото прифаќање од страна на Русија во 1700 г.
Не е целосно разјаснето како Дионисиј ја пресметал годината на раѓање на Христос. Во Евангелието е запишано дека Христос бил покрстен во р. Јордан во петнаесетата година од власта на императорот Тибериј (Лука 3:1 и Матеј 2:16), односно околу 29 г. н.е., а Тој тогаш бил на возраст од околу 30 години (Лука 3:23). Дионисиј најверојатно одземал 30 години од споменатата петнаесета година од власта на Тибериј и така стигнал до својата пресметка, без конкретно да запише која година бил роден Христос, или дали Воплотувањето на кое се повикал се однесува на зачнувањето или раѓањето на Христос, бидејќи јасна разлика помеѓу двете се појавила во 9 век.
Сепак, оваа пресметка е проблематична бидејќи според Евангелието по Јован знаеме дека мисијата на Христос траела три години, па оттаму и претпоставката дека Христос имал 32 или 33 години кога бил распнат на крстот, а истовремено од Лука е запишано дека Христос се родил во времето на кралот Ирод Велики за кој мнозинството историчари се согласуваат дека починал во 4 г. п.н.е., што би го сместило распнувањето во 29 г. н.е.
Лаврентиј Суслига, полски историчар и езуит, бил првиот кој во 1605 г. ја претставил тезата дека Христос бил роден пред 1 г. н.е. и 1 г. п.н.е. според системот воспоставен од Дионисиј, а посочил дека бил роден во 4 г. п.н.е. или пред тоа. Денес најголемиот дел од историчарите се согласуваат дека најверојатно Христос бил роден помеѓу 6 и 4 г. п.н.е. (воглавно врз основа на годината на смрт на Ирод и тоа што тој ја наредил смртта на сите деца под двегодишна возраст), додека воглавно теориите како можна година на раѓање на Христос го опфаќаат периодот помеѓу 6 г. п.н.е. и 1 г.н.е.
Во контекст на нашата христијанска вера, дали Христос се родил во 4 г. п.н.е. или 1 п.н.е., или дали имал 30 или 33 години кога бил распнат, е прашање со мало и споредно значење во однос на тоа што Христос го постигнал и тоа што го претставува за нас.